Колку од нас се радуваат безгранично кога ќе дознаат дека очекуваат бебе? А колку од нас за време на бременоста се опкружени со поразителни и потресни приказни за искуствата на жените во родилиштата? И, колку од нас, заради тоа, се плашат од тој чин, бараат „врски“ во породувалиштето за да се почуствуваат посигурни, се распрашуваат за епидурал и царскиот рез барајќи начин на себеси - демек - да си го олеснат тоа искуство, на за жал, веруваат дека раѓањето е нешто ризично, болно, компликувано и потполно вон нивните моќи? Денес ви претставуваме уште еден вид на поддршка на жената која раѓа, која набрзо може да стане достапна на сите родилки во државата.
Запознајте ја Дулата!
Дулата пружа не-медицинска поддршка и информации на родителите за време на бременоста, породувањето и по раѓањето на бебето. Таа е придружничка на родилката при породувањето, и нуди непрестајна емотивна поддршка и физичка помош на жената која раѓа, и на тимот кој присуствува на породувањето. Дулата е обучен професионалец. Таа верува дека породувањето е природен процес, и верува во способноста на жената да раѓа и нејзините инстинкти. Ја разбира потребата на родилката и прави таа да се чувствува уважена, згрижена и сигурна, и и пружа утеха и охрабрување во тешки моменти. Познава техники за опуштање и ублажување на породилните сензации, како што се дишење, масажа, движење и заземање на посебни положби.
Нејзината поддршка може да вклучува и на пример, препорака на литература за бременоста и породувањето, запознавање на жената со нејзините права за време на породувањето, изработка на породилен план, држење за рака, масажа, или подготовка на освежување за сите присутни за време на пораѓањето.
Дулите се обучени и имаат искуство со пораѓањето, и често - иако не нужно - и самите се мајки. Имаат добро познавање на женската физиологија, но нивната улога не е медицинска - тоа е работа на бабицата и акушерот. Така на пример, дулата не прави вагинални прегледи, не ја следи работата на срцето на бебето, ниту пак дава дијагнози и медицински совети.
Таа се грижи породувањето да се одвива добро и да биде оснажувачко, а ако се случи компликација и има потреба од медицинска интервенција, дулата и понатаму ќе биде покрај жената и ќе помага на било кој начин.
За разлика од медицинската сестра или бабицата во породилиштето кои имаат повеќе различни обврски - да посетат повеќе родилки, да ги известат лекарите за нивниот напредок и состојба, да се погрижат за документацијата, да ги посетат другите пациентки, да одат на пауза - и сето тоа само за време на својата смена, дулата има само една задача - да и пружа на родилката поддршка цело време, од почеток до крај на пораѓањето.
Таа ги поддржува родилката и нејзиниот партнер да имаат убаво искуство за време на бременоста и раѓањето. Нејзиното присуство и помош овозможуваат жената и нејзиниот партнер да се опуштат и да уживаат на своето патување кон родителството.
Истражувањата покажуваат дека со континуирана поддршка на дулата: - се зголемува веројатноста за природно породување (12%), - се смалува веројатноста за медицински интервенции, како што се царски рез (28%), користење на индукција (40%) или епидурална анестезија, вакуум екстрактор или форцепс, - породувањето се забрзува и за неколку часа, - се зголемува задоволството од искуството на раѓање (34%), - се зголемува бројот на мајки кои успешно го дојат своето бебе, - се смалува веројатноста од заболување од пост-породилна депресија, родителите се чувствуваат посигурно, а со самото тоа и подобро и со поголема самодоверба се прилагодуваат на новиот семеен живот.
Дулата умее одлично да слуша. Таа го препознава породувањето како природно, немедицинско искуство, освен ако жената не бара поинаку. Создава мирна и пријатна атмосфера околу нас: пригушени светла, свеќи, ароматерапија, музика. Присутна е: незабележителна кога ни треба тишина, а сталожено активна кога ќе ни затреба. Таа ни создава простор да бидеме потполно свои и во себе. Покрај неа сме соголени до последниот атом на своето битие и таа такви не прифаќа, сака и поддржува.
Дулата чувствува кога надоаѓа бранот на отварање во нашето тело и каде треба да притисне за да го намали неговиот интензитет. Препознава дека кога ќе ги отвориме очите, треба да пушти и да не не притиска повеќе. Таа ни става ладни облоги на челото и ни пружа голтка вода кога ни треба освежување. Дулата не засмејува и се смее со нас помеѓу контракциите. Таа не разбира, чувстува и ги препознава нашите потреби без непотребни зборови. Дулата му препушта на нашиот партнер да ни пружи поддршка во моментот кога ни треба неговата - машка - енергија, сила и допир. Блага кога се насмевнува, не милува по косата и не држи за рака да не смири и заштити; а е физички силна како карпа кога треба да се потпреме на неа патувајќи низ се посилните бранови.
Дулата го негува нашето растреперено и разбудено тело. Таа е Охрабрување. Нежен глас кој ни зборува: „напредуваш одлично!“ Таа не бодри кога ќе се умориме, ако сомневањето почне да ни се поткрадува и ако посакаме да се откажеме; и ни пружа поддршка да истраеме до крајот... до моментот кога ќе го дочекаме своето чедо.
Не пушта непречено да уживаме во тоа мало битие, бидејќи тоа е само наш момент, само наше време. Ја прави првата заедничка фотографија со бебето како спомен на тој единствен, незаборавен и свет настан. Таа ги чува нашите сеќавања на нашето единствено искуство на раѓањето.
Жената која засекогаш ќе биде во нашето срце.
Дулата често го посетува семејството барем двапати пред породувањето за да ги запознае и да дознае какви им се надежите - какво породување посакуваат, од што се плашат, да дознае како семејството реагира во некои ситуации, како функционираат секојдневно. Ако жената тоа го сака, дулата и помага да направи план на раѓање. Таа потоа и е емотивна поддршка во текот на породувањето, колку и тоа да трае. Освен емотивна поддршка, таа помага и во некои практични работи, па така на пример, може да направи чај за сите кои се присутни. Најважно, дулата е присутна и никогаш не ја напушта жената.
Порано оваа улога ја имале мајките, сестрите или роднините кои биле во близина и кои им пружале на жените поддршка за време на породувањето.
За време на средбата, дулата не потсетува дека породувањето е природна појава. Таа не е авторитет, таа е налик на пријателка која знае многу за раѓањето и која не информира за се што сакаме да знаеме. Некој кој не влијае на нашите одлуки, но ни помага да ги спроведеме во дело во оној момент кога ќе спознаеме што сакаме.
Дулите го пополнуваат просторот помеѓу лекарот, медицинските сестри и бабиците кои често се преоптоварени, прават повеќе работи истовремено и посетуваат повеќе жени. Дулите се оние кои се непрестајно околу родилките, ставајќи ги во центарот на вниманието и им го враќаат достоинството.
Партнерите на жените кои присуствуваат на породувањето исто така ја доживуваат дулата како драгоцена помош. Покрај неа тие чувствуваат дека не се само тие кои се единствено одговорни за пружање поддршка на својата партнерка и затоа можат повеќе да уживаат во самиот чин. Тогаш можат да се вклучат онолку колку што сакаат и не чувствуваат дека се под притисок и дека мораат постојано да бидат присутни.
Дулата емотивно не поддржува да се опуштиме и да се препуштиме на моќниот процес на раѓањето кој има трансформациска моќ во животот на жената и нејзиното семејство.
После породувањето, емотивната поддршка која пред тоа била најважна, сега преоѓа во практична: дулата често ја посетува жената барем два пати после породувањето за да ужива гледајќи го новороденчето, да се потсетат на раѓањето, да помогне со преслекувањето, капењето и хранењето на бебето ако е потребно, да го залие цвеќето, да се погрижи мајката да има што да јаде. Едноставно, се што и е потребно на мајката да се направи - дулите би го направиле. Во светот постојат пост-натални дули кои ја посетуваат жената секојдневно во текот на шест недели после породувањето за да се погрижат за се што и е потребно.
Она што жените често и го кажуваат на својата дула после породувањето е: „не би можела ова да го направам без твоја помош.“ Дулата знае дека тоа не е така, дека тие жени би можеле и природно да го родат своето бебе бидејќи нивните тела се створени да родат, породувањето е физиолошки процес, и бебето „знае“ како да се спушти низ родилниот канал. Но тие жени покрај дулите се чувствуваат безбедно, заштитено и оснажено.
Дулата е на должност 24 часа, седум дена во неделата. Таа не го исклучува својот мобилен телефон и често не може да ужива во театар, кино или чаша вино бидејќи може да се случи наскоро да треба да вози на повик. Но, како што една искусна дула вели, „Кога повикот ќе стигне, адреналинот ми скокнува и тоа веќе не ми е важно.“