Дула е емотивна, физичка и психолошка поддршка и помош на родилката за време на породувањето. Тоа е личност која верува во способноста на секоја жена да се породи, која ја знае вредноста и радоста на раѓањето, и која е способна да верува во родилката дури и кога таа самата и другите околу неа се сомневаат.
Дула е збор со грчко потекло и значи служителка. Дулата ќе и помогне на родилката да ја заземе положбата која најмногу ѝ одговара, ќе ја масира за да ѝ ги олесни болките, ќе ѝ става облоги, ќе ја држи за рака со цврсто уверување дека таа може да пројде низ процесот на породување. Или, доколку родилката го сака тоа, само ќе седи покрај неа и ќе биде присутна за неа. Со континуирана поддршка на дулата,
се зголемува веројатноста за природно породување (12%),
се смалува веројатноста за медицински интервенции, како што се царски рез (28%), користење на индукција (40%) или епидурална анестезија, вакуум екстрактор или форцепс,
породувањето се забрзува и за неколку часа,
се зголемува задоволството од искуството на раѓање (34%),
се зголемува бројот на мајки кои успешно го дојат своето бебе,
се смалува веројатноста од заболување од пост-породилна депресија, родителите се чувствуваат посигурно, а со самото тоа и подобро и со поголема самодоверба се прилагодуваат на новиот семеен живот.
Важно е да се знае дека дулата не е исто што и бабица. Бабицата е медицинско лице, кое има знаење и вештини да биде со родилката за време на породувањето и се грижи се да пројде во најдобар можен ред од медицинска гледна точка. Дулата не е медицинско лице, иако многу добро ја познава физиологијата на породувањето. Дулата исто така е поддршка и на самата бабица, никогаш нејзина замена.
Односот на дулата и родилката започнува уште за време на бременоста, кога тие се запознаваат и среќаваат неколку пати пред породувањето. За време на тие средби дулата и родилката имаат можност да се запознаат подобро, да разговараат за желбите, плановите, сомнежите и стравовите на родителите.
Од голема важност е дулата и родилката да бидат на иста бранова должина, меѓусебно да се разбираат и со леснотија да остварат блискост и взаемна доверба.
Дула може да се стане со завршување на обука преку неколку етаблирани организации во светот. Најголемата од нив е DONA INTERNATIONAL, специјализирана за обука и промоција на дулите. Доколку има интерес, може да се организира обука за дули и во Македонија.